
Институтот за применети истражувања за бизнис успешно реализираше серија работилници со ученици во рамки на Erasmus+ проектот „Empathy in the Digital Age: Harnessing Technology for Understanding and Connection (DigiEmpathy)", кои се одржаа во три основни училишта во Скопје - ООУ „Кирил Пејчиновиќ", ООУ „Партенија Зографски" и ООУ „Вера Циривири - Трена", кои во проектот се вклучени како придружни партнери.
Преку креативни, интерактивни и едукативни активности, учениците од различни одделенија имаа можност да ги развиваат своите дигитални, комуникациски и социјални вештини, со посебен акцент на значењето на емпатијата во дигиталната ера. За време на работилниците тие разговараа за важноста на добрината, меѓусебното почитување и разбирањето, креираа приказни за поддршка и соработка, како и учествуваа во вежби насочени кон препознавање и разбирање на сопствените чувства и чувствата на другите.
Работилниците придонесоа за поттикнување на отворена комуникација, креативно размислување и градење позитивни односи, помагајќи им на учениците да развијат поголема свесност за тоа дека емпатијата, љубезноста и почитта се вредности кои се подеднакво важни и во реалниот и во дигиталниот свет.
Во активностите учествуваа повеќе од 150 ученици кои за своето активно учество се стекнаа со сертификати за успешно завршени работилници.
Институтот за применети истражувања за бизнис упатува искрена благодарност до училиштата, наставниот кадар и учениците за одличната соработка и посветеноста во текот на реализацијата на проектните активности.
Координатор на проектот „Empathy in the Digital Age: Harnessing Technology for Understanding and Connection (DigiEmpathy)" е Институтот за применети истражувања за бизнис. Проектни партнери се Институтот за хуманистички и општествени науки (Грција), Покраинската дирекција за национално образование од Самсун (Турција), Средното училиште за здравство и Вишата стручна здравствена школа од Плзењ (Чешка), Анадолската гимназија од Кизилџахамам (Турција) и компанијата Апликапропост (Португалија).
Проектот е кофинансиран од Европската Унија.
Слики од работилниците







Ознаки:
Што е проектот DigiEmpathy?
„Емпатија во дигиталната ера" (DigiEmpathy, бр. 2024-1-MK01-KA220-SCH-000257909) е 24-месечен Еразмус+ КА2 проект во областа на училишното образование, координиран од ИАРБ. Проектот трае од 1 ноември 2024 до 1 ноември 2026 година.
Целта е развој на вештините за емпатија кај децата на возраст од 8 до 16 години и јакнење на компетенциите на наставниците преку дигитално образование и дигитални алатки. Проектот опфаќа најмалку 600 ученици и 75 наставници од 5 земји. Повеќе за проектот DigiEmpathy.
