![cirkularna ekonomija](https://iarb.edu.mk/assets/img/news/circular_economy.jpg)
Институтот за применети истражувања за бизнис ја публикуваше монографијата со наслов "Циркуларна економија: Состојба и предизвици за македонските компании" од авторите д-р Анета Васиљевиќ-Шикалеска и д-р Биљана Ѓозинска.
Оваа монографија претставува сублимат на знаењата и резултатите од истражувањата на авторите, во облик на објавени трудови и истражувачки проекти, во областа на циркуларна економија и одржлив развој.
Преку сеопфатна анализа на концептот на циркуларната економија авторите на оригинален, и пред се концизен начин, го воведуваат читателот во бизнис моделите и практиките на циркуларна економија како основа за раст на претпријатијата во денешното модерно општество.
Постојаното прилагодување на индустријата и компаниите преку оптимизацијата на производствените процеси, потоа со воведување на пазарот на нови или изменети производи и услуги, а внимавајќи притоа на заштита на животната средина ќе придонесе за стимулирање на иновациите, зголемување на конкурентноста на претпријатијата и економски и еколошки придобивки на долг рок.
Сметајќи дека за транзицијата кон циркуларна економија од голема важност е и прилагодувањето на потрошувачите како крајни корисници на понудените добра и услуги во монографијата е даден осврт и на детерминантите кои најмногу влијаат при донесувањето на одлуки за купување кај потрошувачите, а се поврзани со циркуларните практики.
Управувањето со цврстиот отпад како најмногу експлоатирана циркуларна практика претставува комплексен и мултидисциплинарен проблем кој врз основа на одржливост треба да се набљудува од технички, економски и социјални перспективи, и да се управува со следење на хиерархијата за управување со отпад. Авторите на умешен начин направиле детален преглед на индикаторите на циркуларност, како и на пристапите и моделите кои се користат за оптимизирање на системите за управување со отпад во светски рамки и во овој научен труд ги издвоиле оние кои се применливи за нашата држава.
Во очекување на следни изданија и публикации Институтот за применети истражувања за бизнис ве поканува да го прочитате овој вреден труд, а на авторите на истиот упатува искрени честитки и се заблагодарува за довербата при избор на издавачот на публикацијата. Честитки и до сите останати кои придонесоа ова научно дело да го добие своето место во ризницата на литература посветена на циркуларната економија.
Ознаки: